|
Презентирани десетте идејни решенија во Дебар |
|
|
|
17.09.2008. |
|
Четвртата сесија од програмата “Форуми во заедницата“ се одржа во петокот на 12 септември, во ресторанот “Пенестија“ при Центарот за култура во Дебар, каде учествуваа над 130 Дебарчани.
На оваа сесија беа презентирани 10-те идејни предлози – решенија понудени од страна на десетте групи.
Првата група на сесијата го презентираше идејното решение за Уредување на дворот и инвентарот во детската градинка “Брешија“. Ова решение нуди можност и за користење на дворот од страна на други деца во градот, освен оние во градинката, а висината на предложениот буџет е 30 илјади евра.
Втората група го презентираше идејното решение за проблемот – недостаток на наставни средства и литература во ОУ “Саид Најдени“. Решавањето на проблемот ќе овозможи подобра настава во училиштето, беше речено на презентацијата, а побараните средства изнесуваат 15 илјади евра.
Третата група на Форумската сесија го изнесе идејното решение за проблемот со фасадата и дворот на ОУ “Братство единство“ за што беа побарани 58 илјади евра. Четвртата група го презентираше идејното решение за почеток на работите за градба на објектот на дебарската гимназија “Здравко Чочковски“.
На презентацијата е нагласено дека со овие средства не се можни некои големи зафати, но се посочи оти нешто треба да се започне бидејќи објектот на гимназијата е пред распаѓање. Побаран е буџет од 120 илјади евра.
Петата група го презентираше решавањето на проблемот и идејното решение за проблемот со греењето во ОУ “Саид Најдени“ во Дебар, и се наведе дека се потребни 20 илјади евра за овој проект.
Шетстата група го презентираше решението околу немање на спортска сала. Беа посочени две алтернативни решенија, од кои едното за нова сала, додека другото за сала-балон. Предложени се идејни решенија во насока со средства од 70 до 90 илјади евра.
Седмата група на Четвртата сесија го презентираше проектот “Настава во природа“ за што информираше дека се потребни одредени зафати во инфраструктурата во вредност од 25 илјади евра.
Осмата група го претстави решението за идејниот проект – простор за забавен парк, за кој оцени дека се потребни 30 илјади евра.
Деветата група го презентираше решението за формирање на Центар за култура и образование на младите за што посочи дека се потребни 50 илјади евра.
Десетата група на оваа сесија изнесе предлог-концепт за едукација на младите за алпинизам, а висината на средствата потребни за решението изнесува 25 илјади евра. Сесијата се водеше на два јазици – македонски и албански.
|