|
Над 150 Дебарчани учествуваа на шестата сесија од програмата ,,Форуми во заедницата ,, на која со својот глас ги избраа трите проекти што ќе бидат финансирани со шест милиони денари, средства од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) како и локалната самоуправа на Дебар со два милиони денари.
Во ресторанот ,,Пенестија,, при Центарот за култура, во присуство на раководителот на SDC Роман Даребле, градоначалникот Аргетим Фида и други, преку гласање, жителите на Дебар ги избраа проектите Реконструкција и санација на фасадата и уредување на платото и тротоарите на објектот стара зграда и фискултурната сала на ОУ ,,Братство Единство“, со буџет од 3.406.748,00 денари, потоа проектот Изградба на забавен парк во градинката Брешија, кој доби 3. 234.056,00 денари , како и проектот на основното училиште ,,Саид Најдени,, - Снабдување на училиштето со наставни и дидактички средства и стручна литература за библиотеката за што се издвоени 979.106,11 денари.
Поради тоа што проектот за изработка на главен проект за изградба на гимназијата во Дебар ,,Здравко Чочковски,, не доби доволен број на гласови, градоначалникот на Дебар Аргетим Фида изјави пред форумот дека овој проект ќе го финансира локалната самоуправа.
Инаку Форумот, кој работеше со девет групи, гласаше за осум проекти, бидејќи во меѓувреме за деветиот обработен проект Реконструкција на системот за греење при ОУ,,Саид Најдени,, се изнајдени средства од друг донатор.
Претставникот на SDC Роман Дарбеле пред Дебарчани нагласи дека проектите кои се поддржани од граѓаните се оние што имаат предност бидејќи самите граѓани подобро знаат кои им се проекти од приоритет.
Тој ги поздрави Дебарчани за масовноста на учеството во работата на форумите и рече дека и за оние проекти кои не се прифатени поради ограничените средства, локалната власт ќе најде други донатори.
Дебарскиот градоначалник Аргетим Фида нагласи дека Форумот доби силна поддршка од Дебарчани. Најважно е тоа што сега, наместо десет изработувачи на проекти колку што ги имавме во Дебар, со овој проект имаме над 100 граѓани кои знаат да изработуваат проекти, изјави Фида.
Тој потенцираше дека верува оти и другите проекти кои не се усвоија поради ограничени средства, се мошне важни и изрази уверување дека ќе се бараат донатори на веќе подготвените проекти.
Граѓаните ја поздравија Програмата нагласувајќи дека начинот на кој се работеше е многу добар. Новинарката на ,,Коха,, од Дебар Вјолца Садику изјави дека Програмата е од големо значење бидејќи гласот на граѓаните е во прв план.
Иванка Ивановска од невладиниот сектор смета дека начинот на работа на Програмата беше мошне добро поставен бидејќи доби масовност во реализацијата но и објективност во одлучувањето. За директорот на ОУ,,Саид Најдени,, Пелумб Франгу Програмата ја постигна целта бидејќи во изборот се вклучија сите граѓани кои се заинтересирани да помогнат во насока на избор на проекти.
|