|
Третата форумска сесија, во присуство на 103 жители на општина Кочани, се одржа на 29 јануари во ОУ “Св.Кирил и Методиј“, каде граѓаните ги утврдуваа предлог-решенијата во согласност со темата “Инфраструктурно уредување на градот и околните места“.
Работните групи, во рамки на сесијата, ги презентираа извештаите согласно групите на проблеми, и за приоритетни ги издвоија следниве проблеми на градот –
Лоша состојба на градскиот стадион “Никола Мантов“, Лоша состојба на градската спортска сала, Недоволна искористеност на градскиот базен, Немање на објект за престој во планина, Непостоење на објект за дружење, Недоволно зелени површини во периферијата на градот, во околните села и асфалтен пат до “Дабот“, Непостоење на санитарен чвор во Домот на културата во село Оризари, Поплави на улицата “Иво Лола Рибар“ во Кочани и Неоградени и неопремени образовни објекти.
Форумот, за овие проблеми, формираше 12 работни групи, кои на наредната форумска сесија треба да презентираат каква е состојбата во општината.
Буџетот на програмата “Форуми во заедницата“ за општина Кочани изнесува осум милиони денари, од кои два милиони денари се учество на општината, а шест милиони денари донација на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC).
Форумскиот процес е отворен за сите граѓани во општината кои заеднички решаваат одредени прашања и работат кон прифатливи решенија со основна цел да го подобрат секојдневниот живот во заедницата.
Програмата, во оваа фаза, се спроведува уште во седум општини – Берово, Битола, Свети Николе, Ново Село, ресен, Долнени и Сарај.
|