|
Шест концепти за предлог-проекти беа презентирани пред учесниците на четвртата форумска сесија што се одржа во вторникот, на 24 февруари, во Големата сала на општина Ресен, на која присуствуваа 93 граѓани.
"Очекувам дека ќе произлезат различни проекти од областа на животната средина. Од форумските сесии се гледа дека граѓаните се свесни за важноста на животната средина, а особено за средина каква што е Преспа, која има големи потенцијали и можности од една страна, а од друга страна, самите граѓани чиј секојдневен живот е зависен од Преспанското езеро со сите овие проекти кои ги предлагаат тука, на форумските сесии, покажуваат дека се грижат за средината", изјави претставникот на Швајцарската Агенција за развој и соработка (SDC) Ибрахим Мехмети, кој присуствуваше на сесијата.
Првата работна група го презентираше концептот за предлог-проект за изградба и опремување на лабораторија за испитување на присуството на пестициди во крвта на човекот, флората, фауната, воздухот, водата и почвата.
Опремувањето на една ваква лабораторија треба да овозможи поголема информираност на граѓаните за штетните влијанија на хемиските препарати врз животната средина и врз здравјето на човекот, и контрола врз нивото на загадување преку континуирано испитување на концентрација на пестицидите. За реализација на овој предлог-проект би биле потребни околу 25-30 илјади евра, предложија учесниците.
Втората работна група го презентираше предлог-проектот за изградба на еколошко-едукативен и спортско-рекреативен центар во кој би се вршело образование и воспитание на оние кои би го посетувале овој центар, а особено на младите луѓе, преку различни облици на еколошка едукација и би се подигнала еколошката свест кај населението.
За реализација на овој проект би биле потребни околу 20-25.000 евра.
Потоа беше презентирано идејното решение за заштита на сливот на Голема река и на Преспанското езеро од цврстиот отпад од преработката на дрво преку создавање на систем за управување со отпадот со што би се искористувал за разни потреби на граѓаните и би се заштитила животната средина.
Од страна на претставникот на четвртата работна група беше презентиран скап и голем проект за уредување на градската депонија во Ресен за што би биле потребни околу девет милиони денари. Со уредување на пристапниот пат до депонијата, уредување на услужните патишта во депонијата и нејзино оградување, би се спречило движење на неовластени лица во депонијата, како и спречување влез на добитокот во депонијата со што се загрозува не само здравјето на добитокот, туку индиректно и на луѓето.
Петтата работна група го презентираше предлог-проектот за изградба на фекална канализација во село Стење со што би се спречило загадувањето на Преспанското езеро од фекалните води, кои честопати истекуваат и ги загадуваат почвата, подземните води, но и селските бунари што населението ги користи за обезбедување на вода за пиење.
Учесниците на Форумот, во врска со овој предлог-проект, имаа забелешка во однос на потребниот буџет за реализација, кој изнесува 15 милиони денари и далеку го надминува буџетот предвиден со проектот.
Шестата работна група го презентираше идејното решение за изградба на нови длабински бунари во Долна Преспа, со што би се обезбедиле дополнителни количества вода за регионалниот водовод Крушје-Ресен-Сирхан и би се обезбедиле дополнителни количества вода за пиење за граѓаните на Ресен, особено за оние граѓани кои се најзасегнати од недостатокот на вода за пиење.
За изградбата на длабинските бунари би биле потребни помеѓу 50-100 илјади евра, во зависност од тоа колку бунари би се граделе, каде би се бушеле, на која длабочина итн.
Сите шест презентирани концепти за предлог-проекти беа усвоени од страна на Форумот со што добија поддршка да продолжат понатаму да се развиваат во предлог-проекти во наредните фази од форумскиот процес.
|