Жителите на општина Кочани, на последната, седма сесија во рамки на програмата “Форуми во заедницата” избраа три проекти чија главна цел е Инфраструктурно уредување на градот и околните населени места.
Најмногу поени од Форумот доби проектот “Ограден училиштен двор – поголема безбедност и сигурност на учениците во ОУ “Св. Кирил и Методиј”, СОУ “Љупчо Сантов”, ЈОДУ “Павлина Велјанова” и Градската спортска сала” со буџет од 2. 350 497 денари. Носител на проектот е ОУ “Св. Кирил и Методиј”.
Со 78 поени е одобрена реализацијата на проектот “Санација на спортската сала” со буџет од 4. 478 476 денари. Носител на проектот е ЗГ Организација за заштита на потрошувачи.
Со остатокот од средствата, 1.116.027 денари, Форумот реши да се финансира првата фаза од проектот “Недоволно парковско рекреативно зеленило во периферијата на градот” што опфаќа изградба на Парк во населбата Калиманова Глава во Кочани.
“Со оваа Програма Кочани доби готови проекти за кои општината ќе вложи напори да ги реализира преку други потенцијални фондови и инвеститори“, истакна пред присутните претставникот на општина Кочани, Петар Апостолов.
“За наша голема радост, можевме да видиме една многу успешна форумска сесија во општина Кочани каде што граѓаните преку одлучување за десетте проекти, избраа три проекти коишто, според нив, беа најсилни за решавање на проблеми од областа на инфраструктурата“, изјави за медиумите Миодраг Колиќ, претставник од Единицата за координација на форумите.
Тој додаде дека со ова, граѓаните можат активно да учествуваат во решавањето на проблемите во локалната заедница
Директорката на ОУ “Свети Кирил и Методиј“ Голубинка Ѓоргиева изјави дека работната група очекувала проектот да добие зелено светло од Форумот.
“Очекувавме затоа што сметаме дека безбедноста на децата сепак треба да биде на прво место. До ноември, проектот треба да заврши и училишниот двор и градинката да бидат подобро место за живеење и за движење“, рече Ѓоргиева.
Не беше скриено ниту незадоволството за неодобрена реализација.
“Мислам дека нашиот проект неоправдано доби малку поени, а посебно не сме задоволни од работната маса на Општинската администрација. Администрацијата требаше да сфати дека на овој град му треба еден простор како што е Дабот, а тие дадоа најмалку поени, само два поена“, реагираше Ванчо Арсов, од работната маса за асфалтирање на патот од бели до излетничкото место Дабот.
Наредниот период ќе биде отстапен за реализација на проектите. По завршувањето, ќе се одржи осмата сесија, на која Форумот ќе даде отчет пред граѓаните за сработеното.
|