|
Првата форумска сесија во општина Дебар, каде за прв пат се спроведува буџетскиот форум во рамки на програмата “Форуми во заедницата“, се одржа на 8 октомври во ресторанот Пенестија, во присуство на 184 жители на општината.
Сесијата ги утврди целите на Форумот – граѓаните да бидат повеќе информирани за плановите на општината за 2010 година, активно да учествуваат во донесување одлуки, да развиваат отворени дискусии за буџетот на општината и да ги истакнат своите идеи и активно да учествуваат во подготовка на буџетот.
„Овие проекти се многу интересни за граѓаните бидејќи им дават можност на граѓаните да одлучуваат каде ќе се користат буџетските средства„ вели Евзи Скара, учесник на Форумот.
Презентација на буџетскиот форумски процес, процесот на буџетирање, структура на општинскиот буџет, структура на работни маси, како и преглед на стратешкиот развоен план и приоритети за 2010 година, беа некои од темите на сесијата.
„Целта е ангажирање на граѓаните во одлучување за буџетот на општината и промоција на модел за полесна комуникација со граѓаните“, изјави Ибрахим Мехмети, претставник на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), која ја финансира Програмата со учество на општината.
Присутните на Форумот се распоредија по следниве работни маси – Инфраструктура, Образование, Култура, Јавна чистота и животна средина, Општинска администрација, Локален економски развој, Водовод и канализација, Социјална заштита, Спорт, Противпожарна заштита.
Според градоначалникот на општина Дебар Аргетим Фида, овие Форуми им овозможуваат на граѓаните да одлучат кои проекти ќесе изведат.
“Врз основа на вашиот придонес и масовно присуство на осумте претходни форуми, во општината повторно се одржува Форумот“, додаде Фида.
Една од главните карактеристики на буџетскиот форум е што темата на Форумот е однапред дефинирана - подготовка на општинскиот буџет за наредната година.
Средствата на општината и на SDC, што вкупно изнесуваат осум милиони денари за општина Дебар, ќе се наменат за реализација на проекти што граѓаните ќе ги утврдат во рамките на еден од проектите од општинскиот буџет.
Програмата во оваа фаза во Дебар ја спроведува Центарот за институционален развој – ЦИРа, во соработка со општината.
|