Првата форумска сесија на меѓуопштинскиот форум, што за прв пат се одржува во општините Могила и Новаци, се одржа на 29 септември, во ресторанот “Колта“ во Могила, во присуство на 151 жител на општините Новца и Могила.
Целта на оваа сесија, што се одржува во рамки на програмата “Форуми во заедницата“ финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) во соработка со општината, е запознавање на граѓаните со програмата, утврдување на структурата и правилата за работа.
Ова е прв меѓуопштински форум што се одржува на тема од заеднички интерес и бара меѓуопштинска соработка, со важност за двете вклучени општини. Овој тип на Форум е отворен за соседни општини со сличен социо-економски профил.
Учесниците ги поздравија градоначалниците на двете општини Славко Велевски и Лазар Котевски, повикувајќи ги да учествуваат во што е можно поголем број затоа што од нив зависи успешноста на форумот.
На форумската сесија се формираа 11 работни маси – Млади, Советници, Образование, Спорт, Општинска Администрација, Информатичка технологија, Земјоделство, Бизнис сектор, Животна средина, Месна заедница и Здравство.
Фондот со кој располага Форумот изнесува осум милиони денари, од кои шест милиони се донација од SDC, а по еден милион денари треба да обезбедат двете општини, Новаци и Могила. Темата на која ќе се работи е собирање на смет.
Избраните проекти ќе треба да се реализираат до ноември 2010 година.
Програмата “Форуми во заедницата“, во оваа фаза, освен во Могила-Новаци, се реализира и во Радовиш-Конче, каде исто така се одржува меѓуопштински форум, Берово, Струмица и Дебар, каде има буџетски форум, и Аеродром, Гостивар, Македонски брод, Крушево и Боговиње, каде се одржува традиционален и проектен форум.
|