|
Комунална инфраструктура е темата што жителите на Крушево ја избраа на првата форумска сесија се одржа на 30 септември во ОУ “Наум Наумовски Борче“.
Крушевчани во наредните неколку месеци ќе дискутираат за проблемите од својот секојдневен живот во рамките на оваа тема, што ја избраа од трите предложени од страна на општината – Заштита на животната средина, Водоснабдување и Комунална инфраструктура.
“Наша цел е и Вие, граѓаните, активно да се вклучите во Форумот со цел да го слушнеме вашето мислење, и по завршување на Програмата освен реализираните проекти да ни останат и други ваши предлози“, изјави на првата сесија градоначалникот на Крушево Васко Дамчески.
Според претставникот на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) Ибрахим Мехмети “инвестицијата на SDC како донатори е релативно мала, но големината е во тоа што на ваков начин ќе се влијае врз воспоставување на нови, подобрени релации меѓу општината и граѓаните“.
Вкупниот буџет на програмата во општина Крушево изнесува четири милиони денари, од кои еден милион денари се учество на општината, а три милиони донација на SDC.
„Низ овие сесии ќе имате можност заедно да работите со претставниците на општината и да дадете препораки како општината да стане поефикасна во заштитата на интересот на граѓаните“, истакна на сесијата, претставничката на ФИООМ Сунчица Костовска, организација што ја спроведува програмата во општина Крушево.
„Форуми во заедницата“, освен во оваа општина, се споведува уште во 11 други општини – Струмица, Могила, Новаци, Аеродром, Берово, Радовиш, Конче, Гостивар, Дебар, Македонски брод и Боговиње.
|