|
Опис на задачи
1. ВОВЕД
Воспоставената правна рамка во Република Македонија овозможува учество на граѓаните во процесот на одлучување на локално ниво. Со цел да се зајакнат овие процеси како и да им се овозможи на граѓаните поактивно да влијаат врз оформувањето на локалните политики и одлучувањето на локално ниво преку своите идеи, предлози и сугестии, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) во 2006 година ја започна Програмата „Форуми во заедницата“.
Главна цел на програмата е да се поддржи партиципативниот развој на заедниците на локално ниво. Форумот претставува платформа за развој којашто цели кон тоа (1) граѓаните да го подобрат сопствениот живот, со сопствени идеи и учество и 2) администрацијата да развие партиципативно и одговорно локално владеење на кое ќе му се верува.
Во 2006/2007, Програмата се спроведуваше во општините Ѓорче Петров, Прилеп и Кичево, во соработка со Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и локалните самоуправи на овие три општини. Програмата беше спроведувана од страна на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ) и Центарот за институционален развој – ЦИРа.
Во 2008-2009 година програмата се спроведува во 13 општини поделени во 2 круга. Во првиот круг се вклучени општините: Дебар, Карбинци, Струмица, Чаир, Чашка и организациите - ФИИООМ, ЦИРа и МЦМС кои го спроведуваат процесот во нив. Во вториот круг се вклучени општините: Берово, Св. Николе, Кочани, Ново Село, Битола, Ресен, Долнени и Сарај, а покрај горенавдените организации вклучени се уште АДИ и АЛКА.
Во текот на 2009 година уште најмногу 10 нови општини ќе бидат вклучени во програмата. Истражувањето, за кое станува збор во овој оглас, ќе се изведува во 2 од новоизбраните општини.
Форумскиот пристап, како една од иницијативите на SDC во Македонија, се покажа како успешен пристап во поддршката на заедницата да преземе одговорност за процесите на локалната самоуправа. Преку структурирани дискусии, учесниците на Форумите разработуваат проекти во заедницата и даваат препораки на локалните институции. Форумот создава нови партнерства, го зголемува учеството на граѓаните во управувањето и создава практична корист за заедницата.
На Форумот учествуваат сите заинтересирани полнолетни граѓани од општината. Вообичаено, Форумот го сочинуваат најмногу десет работни маси, секоја составена од пет до осум учесници. Работните маси ги претставуваат различните социо-економски интереси и гледишта на заедницата. Тие ги структурираат дискусиите на форумот и го дефинираат изборот на проектите. Сите работни маси имаат еднакви права и „тежина“ при изборот на проектите.
Главните карактеристики на форумскиот пристап се следните:
• Форумите функционираат преку структурирани дискусии кои се отворени за сите граѓани. Истите ги водат надворешни независни модератори и следат фиксен дневен ред.
• Учесниците во форумите се структурирани во работни маси, според нивните социјални и економски интереси. Локалната администрација е застапена во форумот со еднакви права (глас) како и останатите учесници.
• Форумите разработуваат проектни идеи и им даваат препораки на локалните институции (главно на општинската администрација и на советот на општината).
• Одлуките за тоа кои проекти ќе се финансираат ги донесува форумот – граѓаните преку своите работни маси.
• Форумските проекти се реализираат преку финансиски средства обезбедени од општината и од СДЦ.
Процесот на Форумот е составен од две главни фази. Во првата фаза (фаза на сесии) учесниците на форумот – жители на општините во кои се спроведува - се вклучени во шест до осум структурирани дискусии, во рамките на кои се создаваат проектни идеи и препораки. Втората фаза е практично спроведување на избраните проекти.
2. ЦЕЛ
Целта на истражувањето е да се обезбедат податоци за промената на ставовите, практиките и знаењето кај граѓаните во општините опфатени со програмата, а кои се резултат на форумските активности. Податоците и анализата ќе бидат искористени од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка и Единицата за координација на форумите за оценка и за развивање на следната фаза на програмата доколку таква се спроведува во Македонија.
3. МЕТОД
Ќе се спроведуваат две социолошки истражувања во две општини во Македонија, кои ќе бидат одбрани од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка по огласот за пријавување на општини за учество во програмата кој ќе биде објавен во првата половина на мај 2009. Секое истражување ќе се состои од две испитувања – едно пред почетокот на форумите и едно – по неговото завршување. Секое од четирите испитувања ќе треба да ги исполнува следните критериуми:
-Примерок: секое испитување треба да се состои од примерок од 300-400 испитаници на возраст од 18+; вкупен број на интервјуа за договорот е 1200-1600. Ве молиме во понудата да ја наведете и цената на чинење по интервју.
-Пријавените организации треба да обезбедат информации за методот на одредување на примерокот и очекуваните нивоа на веродостојност според методот. Точниот примерок ќе биде предмет на преговори со избраната организација.
-Метод на регистрирање: интервјуа лице-в-лице по домаќинства; до 30 минути по интервју.
-Содржина на прашалникот:
1. Ставови кон локалната самоуправа; директна демократија, партиципативни активности, лично задоволство со нивото на јавна транспарентност и вклученост во донесувањето одлуки, претпочитани начини за вклучување во донесувањето одлуки на локално ниво, општо лично задоволство со локалната социоекономска состојба, ставови на толерантност кон ранливи групи и етнички малцинства и други;
2. Познавање на тоа како дејствува/работи локалната самоуправа, познавање на локалните национални политики и приоритети и други;
3. Практики на учество во управувањето покрај форумските активности: вклученост во петиции, консултативни средби, граѓански протести; учество во граѓански организации; перцепција за партиципативните практики и транспарентноста на локалната самоуправа, и други;
4. Доверба во институциите: национална власт, локална власт, НВОи, синдикати и други; слика/визија за „идеална“ општина.
4. ОЧЕКУВАНИ РЕЗУЛТАТИ
- развиен прашалник во соработка со Единицата за координација на форумите
- собрани и внесени 1200-1600 стандардизирани интервјуа од 4 испитувања во 2 општини, 2 SPSS бази на податоци.
- два обработени сета податоци, од кои секој обезбедува споредба на почетното и последователното испитување; 2 сета компаративни табели кои вклучуваат основни статистички податоци: фреквенции, проценти, просек и средна вредност, статистички значајни коефициенти за разликата во примерокот (разлика помеѓу двете испитувања).
- два аналитички извештаја за секоја од општините; по минимум 20 страници (1800 карактери) на македонски и англиски јазик.
- Резиме на извештајот во power point на македонски и англиски јазик.
5. ВРЕМЕНСКИ РОК
Истражувањето ќе се спроведе во периодот јуни/јули 2009 – април 2010.
Првото испитување ќе се одвива во јуни 2009 во избраните 2 општини, пред почетокот на спроведување на програмата „Форуми во заедницата“.
Второто испитување ќе се одвива во април 2010, по завршувањето на спроведување на програмата „Форуми во заедницата“.
Деталните рокови се дадени во прилог:
Датум Активност
-7 и 8 април 2009......Финализиран описот на задачи и објавен оглас во дневните весници
-24 април 2009..........Краен рок за доставување на понудите
-6 мај 2009.............. Завршена анализа на понудите и преговорите со одбраната организација; Склучен договор со одбраниот понудувач
-До 16 мај 2009.........Подготвен и презентиран работен план од страна на избраниот понудувач и одобрен од Швајцарската агенција за развој и соработка;
-до 1 јуни 2009.........Подготвен прашалник за интервјуата заедно со Единицата за координација на форумите; Одобрен прашалник од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка;
-до 15 јули 2009.........Завршени првите две истражувања (по едно во двете одбрани општини)
-крај на август 2009....Доставување на првиот аналитички извештај
-април 2010...............Завршени вторите две истражувања (по едно во двете одбрани општини)
-мај 2010....................Доставување на завршниот извештај
6. ЧУВАЊЕ НА ПОДАТОЦИТЕ
Сите документи од теренското истражување (прашалници, белешки итн.) треба да се чуваат.
7. ПОНУДАТА
Од понудувачите се бара да ги достават следните податоци во својата понуда:
• Податоци за организацијата,
• Писмо понуда со коешто се потврдува дека организацијата има капацитет и може да го спроведе истражувањето во рамките на дадениот временски рок,
• Забелешки/дополнувања на описот на задачи (доколку ги има),
• Име и биографија на лицето кое ќе биде одговорно за истражувањето,
• Податоци за лицата кои ќе бидат вклучени во истражувањето,
• Детална финансиска понуда.
8. КРИТЕРИУМИ ЗА ИЗБОР
Организацијата ќе биде избрана врз основа на поднесената понуда. Критериумите за избор се следниве:
• Квалитeтот на понудата врз основа на дадениот опис на работни задачи,
• Претходно искуство и капацитет на понудувачот,
• Вкупната цена на понудата.
Заинтересираните се молат да ги испратат своите понуди на следнава адреса:
Единица за координација на Форумите
ул. Вељко Влаховиќ бр. 22а-1/2
1000 Скопје
e-mail:
This e-mail address is being protected from spam bots, you need JavaScript enabled to view it
најдоцна до 24 април 2009, 17:00 часот.
|