|
29.01.2010. |
Околу 80 жители на Гостивар присуствуваа на петтата форумска сесија, што во рамки на програмата “Форуми во заедницата“, се одржа на 28 јануари, во ресторанот “Деде-бег“.
Сесијата презентираше вкупно четири предлог-проекти, кои до наредната сесија ќе се развијат во конкретни проекти за кои на последната, седма сесија, жителите на општината треба да гласаат за приоритетите во нивниот секојдневен живот.
“Работата на Форумот ја ценам бидејќи преку демократски дебати се соочуваат различните интереси на граѓаните и преку дискусија се определуваат приоритетите и проектите“, изјави на почетокот од сесијата градоначалникот на Гостивар Руфи Османи.
Тој додаде дека ваков тип на демократска дебата ќе биде применет при одредување на приоритетите на комуналните проекти во Гостивар во иднина.
На Форумот присуствуваше и директорката на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) Татјана фон Штајгер Вебер, која изрази задоволство од Форумот во оваа општина.
“Форумите се еден вид на соработка на SDC во правец на поддршка на Македонија во евроинтеграциските процеси“, изјави претставничката на SDC, додавајќи дека целта на Форумите е јакнење на граѓанското општество.
Презентацијата на предлог-проектот “Безгрижно дете“ ги опфати целите што подразбира внатрешна реконструкција и опремување на градинката “Цветови“, и уредување и опремување на дворот во градинката “Пролет“.
Предлог-проектот “Традиција“ подразбира реконструкција и доградба на постоечки објект, и опремување на просторот. Сите презентации опфатија и очекувани резултати од проектот како и негова одржливост.
“Европско училиште“ е насловот на предлог-проектот со специфична цел на заменување 93 прозорци, 2 влезни врати, 18 внатрешни врати и носешка греда во техничкото средно училиште. Четвртиот предлог-проект “Кеј Вардар“ подразбира хортикултурно уредување и модернизирање на десната страна од течението на реката Вардар во општината, и модернизирање и реконструкција на левата страна од Вардар.
|