| Форумот во Аеродром реши да се менуваат прозорците во училиштата |
|
|
| 15.04.2010. | |
По седум одржани сесии во исто толку месеци, по изработени и презентирани пет проекти и неизвесно гласање, жителите на општина Аеродром што учествуваа во програмата „Форуми во заедницата” решија да вложат над 100 илјади евра за замена на прозорците во основните училишта „Блаже Конески”, „Браќа Миладиновци” и „Гоце Делчев”, како и во градинката „Срничка-Изворче”.![]() Овој проект, чија вкупна вредност е проценета на 109.150 евра, ќе се финансира со буџетот на Програмата. Околу 66 илјади евра обезбедува Швајцарската агенција за соработка и развој (SDC), а остатокот е учество на oпштината. Жителите на Аеродром изработија уште четири проекти, и тоа поправка на подовите во три училишта и во една градинка, уредување на дворовите на образовните и на воспитните установи, набавка на опрема за во кабинетите за подобрување на условите за настава, како и изградба на спортски терен во дворот на подрачното основно училиште „Гоце Делчев” во Долно Лисиче, каде што нема речиси никакви услови за спорт и рекреација. Сепак, на крајот победи проектот за прозорците, со вкупно освоени 36 поени, пред проектите за опремата со 31, за подовите со 28, за игралиштето со 24 и за дворовите со 16 поени. Со победничкиот проект треба да се демонтираат постојните прозорци од одбраните училишта и градинка, да се набават и да се постават нови, изработени од ПВЦ материјали. Целите што треба да се постигнат се подобрување на топлинската и на звучната изолација, како и заштеда на енергијата. Директна корист од неговото спроведување ќе имаат вкупно 1.792 ученици во училиштата, 257 деца во градинката, наставниот, воспитниот кадар и другите вработени, а индиректна придобивка ќе имаат и родителите и целата заедница, бидејќи овие установи ќе имаат помали трошоци за затоплување. ![]() Сесиите од програмата „Форуми во заедницата” се одржуваа од 28 октомври 2009 година во холот на основното училиште „Ѓорѓија Пулески” и во нив учествуваа меѓу 100 и 200 граѓани. Аеродром беше една од 12-те општини во кои во истиот период се спроведуваше оваа Програма. Финансиските трошоци ги покрија SDC и oпштина Аеродром, а Програмата ја спроведе Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и општинската администрација, преку оперативна група во чиј состав имаше и претставници од невладини организации, од бизнис секторот и од медиумите. Право на учество имаше секој жител на општината со наполнети 16 години. Форумот беше можност самите граѓани делумно да раководат со својата општина и да одлучат за каков проект да се вложи одредена сума пари. Темата “образование“ беше избрана на првата форумска сесија во Општина Аеродром, па затоа и проектите што подоцна се изработија беа за подобрување на условите во училиштата и во градинките. |
| < Претходно | Следно > |
|---|